Дали физичко лице има обврска да пријави во УЈП и да плати данок на личен доход поради прилив на средства од странска компанија по основ на доцнeње на авионски летови?

Надоместувањето на парични средства поради доцнење на авионски лет не претставува остварување на личен доход од страна на физичкото лице и истиот не е категорија на доход, која согласно член 3 од ЗДЛД, подлежи на оданочување со данкот на личен доход.

Дали услугите поврзани со факторинг претставуваат промет од аспект на ЗДДВ?

Согласно член 3 од Законот за финансиски друштва, факторингот е финансиска активност во која врз основа на договор склучен во писмена форма финансиското друштво (фактор) ги купува недостасаните побарувања на друго домашно или странско правно лице (доверител ) со или без право на регрес.

Согласно член 2 став 1 од Законот за данокот на додадена вредност, предмет на оданочување со данокот на додадена вредност е прометот на добра и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност.

Промет на услуги претставува секоја дејност која не е промет на добра во смисла на член 3 од ЗДДВ (член 6 став 1 од ЗДДВ).

Едноставното плаќање надоместок, а особено плаќањето во готово или дознаката, не претставува промет во економска смисла. Согласно член 23 точка 5 алинеја д) од ЗДДВ, се ослободува од данок на додадена вредност без право на одбивка на предходниот данок прометот, вклучувајќи го посредувањето во врска со работењето со тековни сметки, депозити, штедни влогови, плаќања, вирмани, меници, чекови, жиро сметки, кредитни карти, дознаки, со исклучок на наплатата на туѓи побарувања.

Даночното ослободување не го користат само банки и финансиски институции, туку истото може да се користи и од страна на сите други даночни обврзници кои вршат промет по кој било основ наведен во оваа одредба.

Даночното ослободување го опфаќа и прометот во работењето со парични побарувања, на пример отстапувањето побарувања и опционите зделки со парични побарувања. Предмет на овие опциони зделки е правото на истакнување или отуѓување одредени парични побарувања во одреден рок и по одреден фиксен курс. Даночното ослободување ги опфаќа и опционите зделки со девизи.

Според тоа, откупот на побарувања-факторинг е ослободен од ДДВ без право на одбивка на претходен данок согласно член 23 точка 5 алинеја д) од ЗДДВ, но од друга страна активностите поврзани со наплатата на парични побарувања (помош околу наплатата како дополнителни форми на комуникација со должникот) без предходно превземање на побарувањето со откуп (факторинг) е предмет на оданочување со ДДВ.